Митрополит пергамски Јован (Зизиулас): Теологијата на свети Силуан Атонски

пергамски

Најпочитувани отци, браќа и сестри, со длабока трогнатост прифатив да ја изложам темата за богословието на светиот Силуан. Изборот на темата се должи на фактот оти со помош на неговиот духовен ученик и мој личен духовен отец, вечнопамјатниот отец Софрониј од манастирот Есекс, го имам испочитувано светиот Силуан, не само како Христијанин и дел на Православната Црква, но и како еден ученик и учител по теологија, а конечно и како Епископ. Светиот Силуан продолжува да биде мој личен водител во духовниот живот, бидејќи мислата негова, со разнообразностите што ги содржи, има пресудно значење не само за оние коишто го живеат монашкиот живот, но и за оние коишто се посветуваат на богословското размислување и земаат учество во водството на Црквата во светот. Следствено, ќе ви зборувам за светиот Силуан со едно длабоко чувство на благодарност и почит. Значи, што ме научи, во однос на теологијата, овој старец?

Во наше време теологијата се има поистоветено со една дејност на разумот и обично се смета за една гранка на науката. Во првата Црква, титулата „теолог“ се чувала за малкумина луѓе (како што знаеме, дадена е само на светиот Јован Евангелист, светиот Григориј Назијанзин и светиот Симеон Нов Богослов); денес, пак, се користи за сите коишто стекнале диплома на некој теолошки факултет, а којашто ја земаат по неколку години студирање. Во случајот на светиот Силуан се гледа дека целосно отсуствува она што го нарекуваме „академска теологија“. Никогаш не студираше на теолошки факултет, и никогаш не напиша нешто што можеше да се исползува во теолошка студија и истражување. Значи, не може да се определи како „богослов“, во современата смисла на зборот. Не постои, значи, нешто што ќе можеше да се именува: „Теологијата на светиот Силуан Атонски“.

Препородот на монаштвото и откривањето на Отците на пустината и именуваните „мистични“ писатели на Црквата, има направено мнозина луѓе на нашата епоха силно да се спротивстават на академската теологија, којашто ја сметаат барем за одвишок, ако не и лоша и непријателска за духовниот живот. Мнозина старци денес ги советуваат нивните духовни чеда да не ја земаат за сериозно академската теологија и да се сосредоточат на молитвата и на други „духовни“ подвизи. Живееме во време на зголемен расцеп помеѓу умот и срцето, помеѓу разумното делање и подвижничкиот живот. Кога бев студент, беше невозможно да најдеш макар некој и да се повика на Отците од пустината во некоја книга по догматика (примерите на Андруцу и Трембела се доволно карактеристични за Грција, а претпоставувам дека слични можат да се најдат и во руската догматска теологија). Притоа, од искуството како професор по догматика на православен теолошки факултет, многу често имам среќавано студенти, чиишто духовни отци ги советуваат да не ги земаат за сериозно возгледите на нивните професори, туку да ги стават на судот на нивниот старец, којшто најчесто не поседува никакво академско, богословко образование.

Continue reading “Митрополит пергамски Јован (Зизиулас): Теологијата на свети Силуан Атонски”