Старец Клеопа (Илие): Разговор во возот

Патував еднаш со воз од Пашкањ за Бакау. За да не бидам во вагоните каде што се пуши, си купив карта и се качив на возот во оние вагони, коишто се споредни. Си реков: сепак, одам каде што нема да ме „кадат“ пушачите, зашто ме боли главата од чадот на цигарите. Во вагонот бев сам, и не знаев дали ќе дојде уште некој.

Пред самото тргнување влезе една група на високи офицери, коишто одеа во некое воено училиште. Беа мајори, полковници, а меѓу нив беше и еден постар водник со сопругата. Монах во офицерски вагон! Гледајќи се себеси во вагонот со офицерите, како монах си реков: каков разговор би можел да водам со нив? Јас си внимавав на својот мир и на своето: „Господи Исусе“ и седев мирно, бидејќи знаев дека ми претстои два часа патување со нив. А, треба да се префрлам во местото Лунка Стрмба на друг воз за Бакау, бидејќи одев кај отец Касијан, којшто беше настојател во Бакау, и кај отец Јануариј. Тоа беше во 1957 година.

Едниот од нив, за да не молчи и сакајќи да се пошегува рече:

– Гледај, бре! Добро ќе оди возов зашто овде имаме поп.

Го знаете она суеверие: поп – баксуз! Ако видиш поп – тешко си на тебе! Јас молчев, и не одговарав на нивните задевања.

– Слушаш ли, море, ако е овде попот, не ќе биде ли добро да ни ја раскаже онаа приказна за Бога? Се зборува дека некое „старче“ ги создало небото, земјата, ѕвездите, планините и морињата! Слушаш! „Старче“! Јас и понатаму молчев. Во себе си велев: остави ги на мира зашто се офицери. Тие се шегуваат, тие се смеат. Што би разговарале?

Но, еден од нив дојде и седна спроти мене.

– Оче не лутете се, од каде сте?

А, зошто да им кажам од Сихастрија?

– Од манастирот Њамц, реков.

– Што сте? Свештеник, професор, учител, што сте?

– Напротив, обичен монах сум. Патувам до Бакау.

– Слушаш, нашиве, сите се љубопитни да ни кажете нешто за Бога! Како оди таа приказна за Бога? Во таа ваша Библија се зборува дека Бог ги создал небото, земјата, светот, но ние имаме друго сфаќање за светот.

– Не лутете се, јас сум обичен монах, но ако ја почнам приказната за Бога, ќе треба овој воз да ја обиколи Земјата три пати, и колку што е долга, пак не ќе можам да ја завршам!

– Слушај што зборува попот!

– И, интересна е, реков, неверојатно! Кога ќе ја почнеме приказната за Бога, тогаш е држ – недај!

– Сакаме и ние да знаеме! Вие сте монах, а ние сме офицери. И, бездруго одиме заедно за Бакау.

Пред тргнување станав и се прекрстив. Тие не. Нивна работа.

– Ако веќе треба да разговараме тогаш барам од вас – чесен збор. Да ми простите, зашто влеговте овде цел вагон офицери, но овие ѕвезди не ги познавам, бидејќи јас служев војска кога имаше лентички. Ако случајно погрешно се изразам, немојте да ми се лутите!

Но, некој мајор стана и рече:

– Оче, гледај, сакам да ти кажам нешто. Зар не е апсурдно да веруваме во нешто што не се гледа? Вие кажувате дека постои Бог, но дали некој некогаш го видел. Безумно е некој да верува во она што не се гледа!

– Господа, но прво дали ми давате чесен збор? Бидејќи започнуваме сериозен разговор!

– Слушај го, бре, попот! Даваме, оче, како не! И, кој ќе се налути, безумен е! – рече.

– Гледам дека сте паметни луѓе, а јас сум глупав, но ќе ја почнеме „приказната“ за Бога онака како што умееме. Господа, јас ќе ви кажам дека сите вие, коишто се наоѓате во овој вагон сте – безумни!

Continue reading “Старец Клеопа (Илие): Разговор во возот”