Никос А. Мацукас: Логосите на битијата

свети максим исповедник

Цврстата поврзаност, којашто постои помеѓу сетилниот и умствениот свет, па дури и помеѓу создадената и несоздадената природа, се воочува и на основа на нераскинливата поврзаност помеѓу логосите на битијата (λόγους των όντων) и создавачката воља на Троичниот Бог. Тука не станува збор за козмолошки или телеолошки доказ за постоењето Божјо, каков што го востанови ренесансата, вршејќи така влијание на многу места врз христијанската апологетика. Создадените битија не претставуваат само силно и достоверно сведоштво за постоењето на некаков возвишен ум како прва причина за сè што постои. Помеѓу битијата и создавачката воља Божја постои целосна и органска врска. Внатрешната структура и устројството на секое битие се поистоветува со содржината на предвечната воља на Троичниот Бог во врска со создавањето на тварната стварност. Така, составните елементи на секое битие и на севкупното создание одговараат на божествената воља. Тоа е она што Бог вечно го сака, и што постои, се развива, се исполнува и се восовршува според словото на божествената воља. Оваа поврзаност, од една страна, ја чини нераскинлива и органска врската помеѓу созданието и Создателот, и од друга страна, на тој начин ги одредува сите составни делови на созданието, за тие да имаат „божествена структура“, којашто е разновидна и различна, во зависност од восприемчивоста на секое битие. Поради тоа, познанието на логосите, коишто ги поседуваат сите битија, води кон познание на Божјата воља. Со други зборови, Божјата воља, како логичка причина и устројство на создадената стварност, се наоѓа материјализирана во логосот на секое битие. Така логосите на битијата биваат извор на познанието на Божјата воља. Следствено, постои односна и благодатна (а не суштинска) сродност помеѓу созданието и Троичниот Бог.

Continue reading “Никос А. Мацукас: Логосите на битијата”

Никос А. Мацукас: Култура

Ретко се грижиме да ја расчистиме смислата со една описна терминологија пред да ги развиеме нашите ставови во однос на одредена тема. Оттука и многупати несовладливите потешкотии, кога велиме дека учествуваме во дијалог.

Во советот на Аристотеловиот Универзитет, кога се водеше разговор за Културната престолнина на Европа – Солун 1997 год., еден колега, претпоставувам од Техничкиот факултет, доволно разгневен, извика: не знам што подразбирате вие под култура, но за мене култура е технологијата.

Го разбирам жалењето и наивната дрскост на некои технократи, но нештата со едно расчистување, можат да бидат чудесно осветлени.

Начелно, да кажеме дека културата е сето тоа што во животот го произведува на пр. една заедница или еден град, независно од глобализацијата и промените. И во дадениов случај најважното не е ништо друго, туку однесувањето: пријателството, љубовта, човештината, мирот, почитувањето, жртвата, саможртвата, еросот и т.н. И сето ова претставува сечовечка вредност, и секогаш се остварува во породилните болки и скрбта (ωδίνων και οδυνών)! Во овој амбиент на креативно однесување се појавуваат научни творештва: игра, музика, песна, празници – празник е и секоја религија, зданија, украси, слово, јазик и т.н., и т.н.

Continue reading “Никос А. Мацукас: Култура”