Старец Паисиј Светогорец: Помирување со смртта

athos– Старче, ја соопштија конечната дијагноза. Туморот што го имате е рак и тоа свиреп!

– Донеси едно шамивче да заиграм на „Остани ми со здравје кутар свету“! Во мојот живот никогаш немам играно, но сега од радост што ми се приближи смртта, ќе заиграм.

– Старче, лекарот рече дека најпрвин ќе треба да ви направат зрачење за да се намали туморот, а потоа ќе следува и операцијата.

– Разбрав! Прво ќе бомбардира авијацијата и потоа ќе се случи нападот! Значи, ќе одам горе и ќе ви донесам вести!… Некои луѓе, дури и постари, доколку лекарот им каже: „ќе умреш“ или: „педесет проценти е надежта да преживееш“, се секираат. Сакаат да живеат. Што ќе постигнат? Се чудам! Доколку некој е млад, на некој начин тоа е оправдано; но, еден остарен човек да прави обиди за да живее, тоа не го разбирам. Друго е да зема терапија, за некако да може да ја издржи болката. Значи, не сака да го пролонгира неговиот живот, но само сака малку да се поподносливи болките и да се самообслужува, додека да се упокои; тоа има смисла.

– Старче, го молиме Бога да ви го продолжи животот.

– Зошто? Псалмот не вели дека: седумдесет се годините на нашиот живот?[1]

– Сепак, Псалмопевецот додава: ако е човекот покрепок и осумдесет години“…

– Да, но вели и дека: повеќето од нив се мака и болка; така што подобар е одморот во другиот живот!

– Можно ли е, Старче, некој, од смирение, да не се чувствува духовно подготвен за другиот живот и да сака уште да живее, за да се подготви?

– Тоа е добро, но од каде знае дека ако живее уште, нема да стане полош?

– Старче, кога се помирува некој со смртта?

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Помирување со смртта”

Старец Паисиј Светогорец: Да се огледуваме себе си во другите

Човекот, најдобро се согледува себе си, тогаш кога се огледува во другите. Господ му ја дава на секој човек харизмата што му е потребна за да си помогне, независно од тоа дали ќе ја искористи или не. Доколку ја искористи, ќе стигне до совршенство.

Слабостите, пак, се наши; нив ги здобиваме или со нашето невнимание, или ги наследуваме од нашите родители. Секој од нас треба да го прави соодветниот подвиг за да се ослободи од слабостите. Додека се ослободиме, треба да се огледуваме себе си во слабостите на другиот и да испитуваме каде се наоѓаме самите. На пр., ако во другиот видиме некаква грешка, веднаш да кажеме: „дај да погледнам, можеби ја имам и јас“, и доколку ја имаме, да се бориме да ја отсечеме.

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Да се огледуваме себе си во другите”

Старец Паисиј Светогорец: На оној што се оправдува, не може да му се помогне духовно

razgovor

Имам забележано дека денес, и големите и малите, се оправдуваат со една сатанска помисла. Ѓаволот сѐ им толкува на еден негов начин, та така се наоѓаат надвор од реалноста. Оправдувањето претставува сатанско објаснување.

– И, како се случува, Старче, некои на секој збор да наоѓаат противречие?

– О, страшно е да разговараш со еден човек кој се навикнал да се оправдува! Исто е како да разговараш со некој демонизиран! Оние што се оправдуваат, Господ нека ми прости, за духовник го имаат ѓаволот. Тие се изнамачени луѓе. Го немаат во себе мирот. Од тоа имаат направено наука. Значи, како што еден крадец цела ноќ не спие и мисли како да успее во кражбата, така и тие постојано мислат да си оправдаат една или друга нивна грешка. Или, како што некој размислува како да најде погодна прилика за да направи нешто добро или како да се смири, тие спротивно, размислуваат како да го оправдаат неоправдливото. Адвокати биваат! Не можеш да се справиш со нив. Исто е како да зборуваш со самиот ѓавол. Што имам пропатено со еден! Му велам: „тоа што го правиш не е правилно, за она другото треба да си внимателен, не одиш добро, треба да го направиш тоа и тоа…“, а тој на секое нешто наоѓа оправдание и на крајот ми вели: „не ми кажа што да правам!“ „Бре, златен мој човеку, толку часови, што зборуваме? Зборуваме за твоите грешки, за тоа дека не одиш на добро, а ти во продолжение се оправдуваш. Три часа веќе ме пукна, ме растопи! Како не ти кажав?“ Ете, му изложуваш  примери за да му овозможиш да разбере дека начинот на којшто се соочува со нештата претставува сатански егоизам, дека прима демонски влијанија, дека доколку не се промени ќе се изгуби, а тој на крајот вели: „не ми кажа што да правам!“Заρ не е да пукнеш! Доколку некој е рамнодушен, преку сѐ преоѓа со: „не ми е грижа.“ Но, доколку не е рамнодушен, пука. Јас, рамнодушните ги сметам за среќни.

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: На оној што се оправдува, не може да му се помогне духовно”

Старец Паисиј Светогорец: Божественото пијанство

– Старче, се плашам, можеби нема да се спасам?

– Не се плаши, заедно ќе одиме горе. Само, кажи ѝ на Игуманијата да ни даде две големи шишиња за по пат, внимавај да бидат пластични, а не стаклени, за да не се искршат по патот! Ќе ги наполниме со вода и додека стигнеме на Небесата, од умор, ќе ја испиеме! Само три прсти ќе оставиме и ќе го замолиме Христа да ја благослови, да ја направи вино и потоа ќе го испиеме, опијанувајќи се духовно, блиску до Христа.

– Старче, која е таа вода?

– Тоа е љубовта кон Христа и кон браќата.

– А пијанството?

– Тоа е опијанетоста од Светиот Дух. Тие коишто се опијануваат од Светиот Дух, без престан се радуваат од нежноста на Бога, Отецот нивни.

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Божественото пијанство”

Старец Паисиј Светогорец: Радоста од прифаќањето на онеправдувањето

Hristos_vo_zatvor– Старче, кога го прифаќам прекорот за некоја штета што ја правам со благодарност, дали е исправно тоа што го чувствувам?

– Гледај, ако правиш штети, те прекоруваат, а ти не негодуваш, туку се радуваш и велиш: „слава Ти Боже, тоа ми беше потребно“, ќе имаш половина радост. Но, доколку не правиш штети, та неправедно те прекоруваат, а ти го примаш тоа со добра помисла, тогаш ќе ја имаш полнотата на радоста. Не велам дека ти треба да го бараш онеправдувањето, оти тогаш непомјаникот ќе те фрли во гордост, туку велам да ја прифаќаш онеправданоста кога доаѓа нормално, и да се радуваш за тоа што си онеправдан.

Постојат четири рамништа на соочување со неправдата. На пр., некој неправедно те удира. Ако се наоѓаш на првото рамниште, возвраќаш. Ако се наоѓаш на второто рамниште, чувствуваш внатре во себе многу голем немир, но се собираш и не зборуваш. На третото рамниште, не се вознемируваш. И, на четвртото рамниште, чувствуваш голема радост, возвишена духовна веселост. Кога некого го онеправдуваат и тој образложува дека не е виновен, тогаш се оправдува и бива задоволен. Така чувствува една световна радост. Но, доколку со неправдата се соочи духовно, со добра помисла, и не се грижи да ја докаже неговата невиност, тогаш чувствува духовна радост. Значи, тогаш, внатре во себе ја има божествената утеха и се движи во просторот на славословието. Знаете каква радост има една душа ако бива онеправдана и не се оправдува за да ѝ речат „браво“ или „прости“? И, се радува повеќе сега, кога бива онеправдана, отколку кога би била оправдана. Оние што достигнуваат таква состојба, сакаат да му се заблагодарат на оној што ги онеправдал, за радоста што им ја дал во овој живот. Но, и за вечната радост, којашто им ја обезбедил. Колку се разликува духовното од световното!

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Радоста од прифаќањето на онеправдувањето”

Старец Паисиј Светогорец: Оној што има добри помисли, на сѐ гледа добро

st_paisijМи рекоа некои дека се скандализираат, бидејќи гледаат многу искривени нешта во  Црквата, и јас им одговорив:

– ако прашаш една мува: „има цвеќиња, тука, во областа?“, ќе рече: „не знам, долу во јамата има кутии од конзерви, ѓубришта, нечистотии“, и ќе ти ги нареди сите нечистотии на коишто била. Но, доколку прашаш некоја пчела: „виде некаква нечистотија, тука, во областа?“, ќе ти рече: „нечистотија? Не, не видов никаде! Тука местото е полно со миризливи цвеќиња“, и ќе ти наброи еден куп цвеќиња од градината, од полето и т.н. Гледаш, мувата знае само каде постојат ѓубриња, а пчелата знае каде се наоѓа еден крин, каде е зумбулот…

Како што имам разбрано, едни луѓе наликуваат на пчелата, а други на мувата. Оние коишто наликуваат на мувата, гледаат во секоја прилика да најдат што лошо постои, и се занимаваат само со тоа; никаде не гледаат некое добро! Оние кои наликуваат на пчелата секаде го наоѓаат доброто што постои.

Оштетениот човек оштетено размислува, сѐ зема од лево, сѐ гледа наопаку. А, оној што има добри помисли, што и да види, што и да му кажеш, ќе постави добра помисла.

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Оној што има добри помисли, на сѐ гледа добро”

Старец Паисиј Светогорец: Страсти и Доблести

Колку човекот е подуховен, толку помалку права има во овој живот. Духовниот човек нема никакво право во овој живот. Обврзан е да биде трпелив и да ја прифаќа неправдата. Неговите права Бог ги чува за оној живот.

Старец Паисиј Светогорец

Старецот Паисиј Светогорец (1924–1994), прост монах со основно образование, но богат со божествена мудрост и копнеж за Небесното Царство, е мошне извесен старец ширум православниот свет. Покрај православните луѓе, денес, неговите дела, сè повеќе, ги исчитуваат, и, за нив, се интересираат, и мнозина боготражители, коишто сè уште не ја исповедаат православната вера.

Учењето на старецот Паисиј Светогорец е токму она што неизмерно му е потребно на современиот човек, бидејќи најпрепознатлив печат на неговата поука е евангелската љубов и личниот пример, коишто извираат од неговиот начин на живот. На тој начин дури и неговите строги зборови паѓаат како благотворна роса на срцето од ближниот, е да би го обработиле за да даде духовен плод.

Во продолжение приложуваме неколку куси поглавја, во вид на разговори, од книгата „Страсти и доблести“, произлезени од животот на сестринството во манастирот „Свети Јован Богослов“, Суроти, покрај Солун, манастир, чијшто основач е старецот Паисиј Светогорец.

Карамелата на пофалбата

– Старче, слушнав некои пофалби и…

– Е, и што бидна? Сосема шупливо си, бре дете? Нас што треба да нѐ интересира? Како нѐ гледаат другите или како нѐ гледа Христос? Другите ќе бидат за нас движечка сила или Христос? Ти си сериозна, затоа немој да стануваш лесномислена. Мене, многупати, дури и сериозни луѓе ми кажуваат нешто пофално, и ми доаѓа да повратам. Се смеам во себе си, и го отфрлам далеку. И ти, подобните нешта, да ги отфрлаш веднаш. Тоа се загубени работи! Што добиваме ако ни се восхитуваат другите? За утре да ни се восхитуваат тропоталата?[1] Оној, којшто се радува кога му се восхитуваат луѓето, бива исмеван од демоните.

Пофалбите, било да се световни или духовни, било да се однесуваат на телото или на душата, штетат, кога човекот е збркан, значи, кога има гордост или предрасположение за гордост. Затоа да внимаваме и да не го пофалуваме лесно другиот, зашто ако случајно е болежлив духовно, трпи штета и може да пропадне.

Пофалбите се како наркотици. Да претпоставиме дека некој, којшто започнува да проповеда може првиот пат да праша дали проповедта беше убава, дали треба на нешто да повнимава за да не му наштети на народот. Тогаш и другиот, за да го охрабри му вели: „Добро кажа, само на тоа место требаше да си повнимателен“. Подоцна, пак, ако има малку предрасположение за гордост, може да стигне дотаму да прашува дали била убава проповедта, само и само за да слуша дека била убава и да чувствува задоволство. И, ако му речат „многу убава беше“, се радува. „А, кажуваат убави зборови за мене!“, си мисли и се дуе. Ако , пак, му кажат: „не беше добра“, се ожалостува. Гледате како со една карамела на пофалбата му се потсмева тропоталото? Во почетокот прашува со добра помисла, за да се поправи, а потоа прашува за да слуша пофалби и да се радува!

Ако се радувате и чувствувате задоволствие кога ве фалат, а се притеснувате и ја бесите муцката кога ви прават некоја забелешка или ви кажуваат дека некоја работа не ја правите добро, да знаете дека тоа е една световна состојба. И ожалостувањето е световно, и радоста е световна. На оној, којшто има духовно здравје, и да му речеш: „ова не го направи добро“, се радува, бидејќи си му помогнал да ја види неговата грешка. Верува дека не го направил добро, та затоа Бог го просветлува, и следниот пат го прави многу добро. Но, повторно тоа му го припишува на Бога. „Што ќе направев самиот“, вели, „ако не ми помогнеше Господ, сѐ наопаку ќе направев“. Сѐ, значи, поставува на точното место.

– Како ќе можеме, старче, да го чувствуваме истото, и кога нѐ фалат, и кога нѐ кудат?

– Ако го замразите световното промовирање, тогаш ќе ја примате со исто расположение и пофалбата, и покудата.

Continue reading “Старец Паисиј Светогорец: Страсти и Доблести”