Епископ стобиски Давид: Преображение

tavorI. Ние, сега, нема да се впуштиме во определување на историскиот контекст во којшто денес го празнуваме големиот настан што се случи на Тавор, иако е познато дека нашево време го одликува прогонот што се спроведува врз нашата Црква. И онака, вековното искуство покажува дека оние што ја гонат Црквата, сѐ уште ја немаат определено целта на нивната историја, односно каде ги води таа, вака како што се појдени! Согласно на зборовите на еден современ отец и учител, историјата, за оние што ја гонат Црквата, т.е. Христа, претставува само едно обично, бесцелно бележење и набројување на некакви настани. Но, ние, во духот на нашето православно предание, на историјата не гледаме како на закон од причини и последици. За нас во Црквата, историјата не се развива од почетокот кон крајот, туку таа се развива од есхатонот, па се отвора кон почетокот. Не е важно толку тоа што било, колку што е важно она што ќе биде! Христос не ни доаѓа само од минатото, туку попрво од Иднината! Затоа, ние не можеме да се согласиме дека како што проаѓа времето, нештата стануваат полоши и пооддалечени од Вистината. Напротив, како проаѓа времето, нештата за нас стануваат сѐ подобри и подобри, и поблиску се до Вистината.

II. Обожувачката светлина, која блеска од Тавор, упатува, значи, и на големата разлика, која се согледува во одговорот на прашањето: како на времето и историјата гледаат луѓето во соборноста на Црквата, а како луѓето, кои ја гонат Црквата? Во тој контекст ќе се осврнеме на следново: обожението на човекот во Црквата, не се однесува само на еден негов дел, на пр. на душата или на срцето, туку на севкупното негово постоење, на сѐ што тој е; следствено, целиот човек, сето битие негово, со сите негови движења, им се радува на гонителите, благодари за искушенијата, се обожува внатре во Црквата, а никако надвор од неа. Вон Црквата остануваат притеснетоста и искомплексираноста, бидејќи оние што се одвојуваат од Црквата, се одвојуваат и од обожувачката, таворска светлина, којашто во полнота проникнува единствено во соборноста на Црквата, а вон Црквата се среќава колку за преживување.

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Преображение”