Епископ стобиски Давид: Свети Симеон Нов Богослов – Тајнописецот на обожението

(текстот е отпечатен како предговор на изданието: „Акатист на светиот Симеон Нов Богослов“)

Акатистот, како што посочува и самата етимологија на зборот (ακάθιστος), е молитва којашто се совршува неседејќи, туку стоејќи, бивајќи исправен. Во богатата ризница на Коработ на нашето спасение, акатистот претставува ремек дело на црковната химнографија. Без двеумење, ќе речеме дека во Црквата и не постои личност на којашто не ѝ е познат акатистот посветен на Пресвета Богородица, којшто на мнозина им е секојдневна молитва, а во храмот особено торжествено се чита во саботата што ѝ претходи на петтата седмица од Великиот Пост.

Акатистот се состои од дванаесет мали строфи – кондаци, и дванаесет големи строфи – икоси, посветени на Христа, Пресвета Богородица или на светителите. Особеност на оваа поезија се извесните, како што се наречени: херетизми,[1] односно усрдните восклици: Радувај се!, упатени оному, на когошто акатистот е посветен.

Пред нас го имаме акатистот на оној, којшто себеси се умртви за сè што постои во светот, бидејќи го заиска животот сокриен во Христа Бога. Пред очи ги имаме молитвените воскликнувања кон оној, којшто после првиот – светиот Апостол Јован Богослов, и после вториот Богослов, светиот Григориј, се јави како трет: Нов Богослов, којшто „како столб огнен, преку дејствителното делање на заповедите, го воведе новиот Израил во земјата на бестрастието“.[2]

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Свети Симеон Нов Богослов – Тајнописецот на обожението”

Свети Симеон Нов Богослов: Слово 86

св. Симеон Нов Богослова. многу полезен расказ за еден послушник, којшто примил Дух Свети по молитвите на неговиот духовен отец.

б. за енергиите на Светиот Дух и кое е созерцанието на Неговите тајни.

01. Еден младич ми раскажа: „Како послушник на еден чесен отец, подобен  во доблеста на великите светители, честопати имав прилики, од него со восхит да слушам за заблескувањата, κοишто од небесата им се случуваат на подвижниците, и за изобилната светлина преку која Бог беседи со луѓето. И почувствував, вели: „толкава желба и љубов да го вкусам тоа добро, та при размислувањето за него заборавав на сѐ земно и небесно, и не само тоа, туку и на секоја храна и питие, и на телесниот одмор. Бидејќи тој старец беше велик меѓу светиите и украсен со дарот на прозорливоста, и бидејќи виде како без двоумење го правам она што тој ми го заповеда, и дека ниту јадам, ниту пијам, туку сум постојано замислен како некоја мака да ме јаде, почувствува неизмерно сострадание и под закана за епитимија ми заповеда, па на сила почнав да јадам, иако не сакав. Бидејќи се плашев, вели: „од осудата за непослушание. А, колку повеќе храна јадев, толку повеќе во мене се распламтуваше копнеж и ми беше неподнослива таа принуда, па леев реки од солзи и често во таква состојба станував од трпезата. Бидејќи мислев, неразумен, дека старецот ми го попречува копнежот, не знаејќи каква внатрешна болка ме разјадува, а не бев свесен, јас несреќникот, дека тој ги знаеше и тајните помисли на моето срце.

Continue reading “Свети Симеон Нов Богослов: Слово 86”

Житие на светиот отец наш Симеон Нов Богослов

Доблеста е огнено и чудесно нешто; таа е во состојба, разгорувајќи ја жарта на божествената љубов, сета душа да ја претвори во оган; и моќ има да го раскрили умот, та од земјата да го вознесе на небесата, и сиот човек да го направи бог по благодат. Бидејќи и овој, велик Симеон, за кого сега станува збор, со сето срце ја засака доблеста и како никој друг се возвиши на нејзините славни висини, потребно е да ги искажеме неговите подвизи и  неговиот живот полн со војувања и борба за доблест.

Светиот Симеон Нов Богослов се родил 949-та година, во селото Галата, Пафлагонија (Мала Азија), од познати и богати родители, влијателни кај локалното благородништво. Уште како дете, кротко и со блага нарав, покажувал исклучителни способности. А, кога пораснал, родителите го испратиле во престолнината Цариград, при нивниот роднина којшто бил близок до императорот. Откако ги завршил таканаречените граматички курсеви, потребно било да премине на повисокиот степен на образование – философските курсеви, но тој се откажал од нив, плашејќи се да не се вовлече во нешто непотребно. Чичко му, пак, при когошто живеел, побрзал да му направи кариера, претставувајќи го пред браќата совладетели Василиј II и Константин VIII, Порфирородните, коишто и го причислиле кон чинот на царедворците.

Continue reading “Житие на светиот отец наш Симеон Нов Богослов”